Стоилов: Да не се опуштаме, не чека тежок меч против Веспрем

По триумфот на гостувањето во Германија против Рајн Некар, 30-27 сега пред Вардар претстои нов предизвик, мечот на неделата во Лигата на шампионите. Во Скопје во сабота гостува унгарскиот вицешампион Веспрем, натпревар важен за потврда на второто место на табелата во Група А.

Вардар е веќе сигурен патник во осминафиналето на Лигата на шампионите, а сега на три кола до крај на групната фаза важно е да се одржи разликата во однос на Веспрем, Кјелце и Рајн Некар. Во моментов Вардар е втор со 15 бода, три помалку од првопласираната Барселона, а еден бод повеќе од Веспрем и Кјелце.

„Победата против Рајн Некар ни ја олесни задачата. Тоа нема да не опушти бидејќи не чека уште еден тежок дуел против Веспрем. Подготвени сме за она што претстои и очекувам да одиграме максимално добро за да дојдеме до посакуваниот резултат” – изјави македонскиот репрезентативец Стојанче Стоилов.

Натпреварот меѓу Вардар и Веспрем в сабота во „Јане Сандански“ се игра со почеток од 17:30 часот.

Се вчитува...