Стојанов: Задоволни сме од есента, ако се укаже шанса напролет ќе ја „напаѓаме“ Европа!

По крајот на натпреварите од есенскиот дел за Академија Пандев со вчерашниот пораз од Вардар во Скопје тренерот Панче Стојанов со осврт на дебитантската полусезона за клубот во прволигашката конкуренција…

„Генерално јас сум презадоволен од нашите настапи и од пласманот на табелата по првата полусезона, но секако сум и разочаран од пропуштената шанса да освоиме повеќе бодови. Мислам дека ни избегаа шест до осум бода во последните минути на три-четири натпревари, каде примавме гол пред самиот крај. Сигурно дека требаше да имаме над 30 бодови, но пак ќе кажам дека сум презадоволен од тоа како се претстави Академија Пандев во првиот дел од првенството. Се надевам дека во вториот дел ќе бидеме уште подобри. Играчите ја согледаа силата на останатите екипи и знам дека во вториот дел ќе прикажат подобри игри за уште подобар пласман“ – вели Стојанов, дополнувајќи дека воопшто не сакаат да се залетуваат за европски излез, но ако се укаже шанса секако сакаат да ја искористат.

„Не се залетуваме со пласман во Европа, главна цел за нас е опстанок во Првата фудбалска лига на Македонија. Но, рековме на почетокот и често пати повторувам, ако ни се укаже шанса сигурно е дека ќе ја зграпчиме и со сите сили ќе настојуваме да излеземе во Европа. Сега сме блиску до Европа, но сме блиску и до опстанокот“ – дополнува Стојанов.

Академија Пандев ја краси младоста низ натпреварите во Првата лига, промовирајќи постојано нови млади таленти кои никнуваат од нивните редови.

„Тоа е нашата основна интенција. На вчерашниот натпревар против Вардар со стартните 11 имавме дури осум играчи кои се под 21 година, некои од нив првпат играа на арената „Филип Втори“. Тремата е нормална, јас ги разбирам целосно. На полувремето се договоривме, видоа и самите дека може да играат против Вардар. Излеговме на теренот, Вардар не застана, туку ние ги притиснавме повеќе и се обидовме да играме малку понапред. Јас немам никаква замерка на моите играчи, бидејќи навистина одиграа добро, создадоа неколку шанси, но Вардар е сепак поквалитетен тим, далеку е од нас и сосема заслужено победи. Во секој случај довербата која ја негуваме кон младите фудбалери верувам многу значи и генерално за македонскиот фудбал“ – истакнува тренерот на Академија Пандев.

 

Се вчитува...