Стојчев: Ќе го дадеме максимумот во младинската Лига на шампиони!

По вчерашната ждрепка во Нион, и дознавањето на противникот во првото коло од младинската Лига на шампиони, резервираност но и оптимизам во стручниот штаб на струмичка АП Брера.

Ѓорѓе Стојчев заедно со Мартин Алаѓозовски ќе ги предводат младите кои за противник на дебитантскиот настап во Лигата на шампиони ги добија младите на ФК Сараево од Босна и Херцеговина. Стојчев вели дека со потенцијалот на Сараево е добро запознаен благодарение на средбите во рамките на турнирот „Пријателство“.

„Најпрво да честитам на младинската екипа генерација 2005 за шампионската титула минатата сезона. Со тоа добивме право на настап во Младинската Лига на шампиони која ќе биде за новата генерација 2006 и помлади, а ќе имаат право на настап само три играчи од минатата сезона. Инаку добивме противник со кој добро се познаваме од турнирот ‘Пријателство’. Многупати имаме играно досега и сите натпревари биле неизвесни и интересни. Искрено сите екипи кои во своите држави станаа шампиони се квалитетни и добро организирани. Нашата екипа максимално се подготвува за предизвикот што следи. Верувам во квалитетот на нашиот тим и ќе го дадеме максимумот во двомечот најпрво во Струмица а потоа и на реваншот во БиХ. Сите сме среќни што нашиот клуб ќе биде во друштвото на најдобрите екипи во Европа во младинска конкуренција а со тоа се надеваме дека ќе се подигне нивото на клубот на меѓународна сцена. Јавно ги повикувам сите љубители на фудбалот да дојдат на првиот натпревар кој ќе се игра во Струмица на стадионот ‘Благој Истатов’ и да ја дадат поддршката на овие момци и сите заедно да се радуваме на успех“ – вели Стојчев

Струмичани во изминатата сезона во младинската Супер лига остварија 17 победи, едно реми и четири пораза. Во секој меч го даваа максимумот за што говори и фактот што во 22 кола постигнаа дури 99 гола.

Се вчитува...