Странците први одлетаа, се ближи ли крајот на Карпош соколи?

Поразот од Шкупи е само уште еден доказ за огромната криза во која се наоѓа Карпош соколи, актуелниот вицешампион на Македонија чија иднина од ден на ден се повеќе се доведува во неизвесност. Тренерот кој ја почна сезоната, Боро Даскаловски, гласно предупредуваше дека проблемите на клубот се егзистенционални, потоа самиот си поднесе оставка, а ситуацијата не се подобри ниту во последните триесетина дена.

Фактот дека на дуелот со Шкупи тренерот Тасевски имаше само тројца играчи на клупата е јасен предзнак за „црното сценарио“ што следи. Први вообичаено си заминуваат странците, па куферите веќе ги спакуваа Мекфејден, Браун и Делиќ, а на истото се подготвени и Лабовиќ и Чомагиќ, кои се надеваат на трансфер во друг македонски клуб, па се уште се во земјава. За актуелниот вицешампион настапуваат и тројца квалитетни домашни кошаркари, Соколов, Ѓуроски и Николовски, кои веќе добија понуди од неколку останати екипи, па во најскоро време ќе решат каде ќе ја продолжат својата кариера.

За финансиските проблеми нема најава за решение, а главоболка повеќе за управата е настапот во Еврокупот на ФИБА, од кој последното коло ќе се игра дури по завршување на репрезентативната пауза, во првата седмица од декември. Речиси невозможно е „соколите“ да ги задржат овие играчи кои ги имаат на располагање до тој последен дуел со Фалко во Скопје, па останува да се види дали барем некој од поискусните до таа средба, евентуално соколи би настапиле со младинци или би се случило најцрното сценарио, овој тим предвреме да се откаже од натпреварувањето, нешто што не го посакува буквално никој на домашната кошаркарска сцена.

Се вчитува...