Страстите се смируваат: Роналдо се врати на тренинзи

Страстите во Саудиска Арабија полека, но сигурно се смируваат, најпрвин беше комплетиран „спорниот трансфер“ на Карим Бензема од Ал Итихад во Ал Хилал, а во текот на денешниот ден Нголо Канте доби зелено светло за да се пресели во Фенербахче.

Попладнево пристигна и најважната вест, Кристијано Роналдо го прекина штрајкот и се врати на тренинзите на Ал Наср, по што се очекува Португалецот да му биде на располагање на својот тренер за дербито против Ал Хилал закажано за викендов.

Суперѕвездата предизвика земјотрес со одбивањето да тренира и да игра, жалејќи се на нееднаков третман на клубовите кои се раководени од државниот фонд на Саудиска Арабија (Ал Хилал, Ал Наср, Ал Итихад и Ал Ахли). Тој гласно се пожали за наводните поголеми симпатии што властите ги имаат кон Ал Хилал, сметајќи дека тоа е главната причина поради која со Ал Наср се уште се нема израдувано на ниту еден трофеј.

Утрово стигна информација дека газдите на Ал Наср очекуваат Кристијано денеска да се врати на тренинзите, што беше потврдено попладнево, кога Роналдо му се стави на располагање на тренерот Жезус.

„Земјотресот“ барем привремено е смирен, а останува да се види дали ќе се реализираат најавите дека ова се последните месеци на Роналдо во Саудиска Арабија и дека португалскиот ас по завршувањето на сезонава дефинитивно ќе си замине од Ал Наср.

Се вчитува...