Струга ТЛ не ја совлада Македонија ЃП и со два пенали, и со играч повеќе (ВИДЕО)

Струга ТЛ направи уште еден „кикс“ во битката за титулата откако одигра само без голови во дуелот со Македонија ЃП на свој терен. Ова може да се окарактеризира како испуштени бодови на лидерот, со оглед дека имаше два пенали кои не ги реализираше. Бесарт Ибраими е трагичарот на дуелот кој не успеа да реализира два удари од белата точка. Првиот му го одбрани Стевковски, а вториот го изведе во стативата.

Речиси во целиот меч Струга ТЛ имаше мала доминација, но без некоја посериозна шанса. Во 34. минута Ибраими беше срушен од Пецов, по што напаѓачот на Струга го изведе ударот од белата точка, меѓутоа голманот Стевковски го прочита и му одбрани. Голем хендикеп за „лавовите“ во финишот од првиот дел откако останаа со играч помалку после исклучувањето на Самаке, кој доби втор жолт картон.

Се очекуваше лесна задача за лидерот, со оглед на бројчната преност на теренот, и со оглед на тоа дека во 51. минута беше досуден нов пенал за Струга. Овој пат го изнуди Радески кој беше срушен од Стоилов. Ибраими одново ја презеде одговорноста, ама овојпат ја погоди стативата.

Македонија ЃП и со играч помалку имаше огромна шанса да стигне и до трите бода, но ударот на нововлзениот Лазаревиќ го одбрани Ќосевски, откако играчот на „лавовите“ излезе сам, очи во очи со него. Во финишот од средбата Шабани се обиде, но Стефковски беше херој на „лавовите“.

Со овој бод и дефинитивно може повеќе да бидат задоволни гостите, со оглед на случувањата на теренот.

Се вчитува...