Супер-бонус: Рагник има десет милиони причини да го убеди Халанд да дојде на „Олд Трафорд“

Ралф Рагник денеска пристигна во Манчестер, германскиот стратег утревечер од трибините на „Олд Трафорд“ ќе го следи дербито на Јунајтед со Арсенал, по што и официјално ќе го преземе кормилото на тимот од Мајкл Карик, кој е привремена замена во периодот по заминувањето на Оле Гунар Солскјер. Рагник е со тренерски договор до крајот на сезонава, потоа ќе се пресели во директорска фотелја и ќе биде дел од тимот што ќе има влијание врз трансферите, а на врвот на листата со желби на „црвените ѓаволи“ се наоѓа Ерлинг Халанд.

Германскиот весник „Билд“ тврди дека токму желбата да се добие трката по Халанд била една од главните причини за Рагник да биде доведен за тренер (подоцна и директор) во Јунајтед. Германскиот стручњак е одличен пријател со Алф-Инге Халанд, таткото кој воедно е и менаџер на Ерлинг и кој има големо влијание врз кариерата на норвешкиот голгетер. Токму конекцијата Рагник – Халанд сениор била пресудна овој фудбалер од бројните понуди да го избере токму Салцбург, што се покажа како одличен потег бидејќи го лансираше Халанд во елитата на светскиот фудбал.

Во ситуација кога сите европски гиганти го бараат напаѓачот на Борусија Дортмунд, челниците на Јунајтед веруваат дека во Рагник имаат сериозен адут во оваа трка. Според „Билд“, на Германецот му е ветен и бонус од огромни десет милиони евра доколку успее да го убеди Халанд од бројните понуди да ја избере токму онаа на Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...