Супер-драма во Куманово и Фени победи по две продолженија

Кошаркарите на Фени индустри славеа голем триумф во Куманово остварен по две продолженија (115-116). Неверојатно возбудлив меч одиграа овие две екипи, а на крајот кавадарчани имаа повеќе сили и подобра концентрација да стигнат до триумф.

Куманово ја доби првата четвртина со 26-21, и тоа беше најава на овој меч одбраните нема премногу да решаваат. Домашниот тим на полувреме замина и со двоцифрена предност (49-37), а ја имаше се до пет минути пред крајот. Тогаш Куманово имаше водство од 88-77.

Но, Фени не се предаде така лесно. Јане Петровски постигна две тројки во серија, и кавадарчани се доближија, а драмата почна од тие моменти. Магдевски со тројка намали на 92-90, а во завршницата на регуларниот тек Петровски со две слободни фрлања и го израмни резултатот (92-92). Караџовски имаше можност да донесе победа, но не успеа, па мечот отиде во продолжение. Но, и по првото продолжение не се доби победник (103-103). Се играа уште пет дополнителни минути, во кои Фени индустри стигна до победа.

Јане Петровски со 29 поени и Андреј Магдевски со 28 поени беа предводници на Фени индустри на овој натпревар. Кај Куманово, Грифин Рам постигна 29 поени.

Се вчитува...