Има ли подобар почеток на нокаут фазата на Светското првенство 2018 од пресметка меѓу Аргентина и Франција!? На најдобар можен начин со дуелот меѓу „гаучосите“ и „петлите“ од 16 часот денеска се отвораат осминафиналните дуели на Мундијалот во Русија.
Сосема е јасно дека Аргентина сите надежи за пласман во четвртфиналето ги темели на Лионел Меси. И аргентинскиот селектор Хорхе Сампаоли е свесен дека Французите ќе направат се за да го запрат офанзивецот на Барселона…
„Французите цело свое внимание ќе го насочат кон Меси кој е најдобриот фудбалер на светот. Но Аргентина има одлични поединци кои можат да решат натпревар. Имаме страст за победа и тоа е најважно. Пред нас е силен противник но веруваме во себе и знаеме дека може да донесеме радост за сите Аргентинци“ – вели Сампаоли.
Селекторот на Франција, Дидие Дешамп, пак, очекувано не сака да го открива начинот на кој ќе игра неговата селекција но знае дека има лек за Меси…
„Се надеваме дека ќе успееме да го ограничиме Меси на теренот. Тоа ќе биде лекот да се неутрализира Аргентина. Го добивме најтешкиот можен противник во осминафиналето, но токму сега е момент да ја покажеме нашата сила“ – вели Дешамп.
Во вториот осминафинален меч од денешната програма вечерва од 20 часот ќе играат и Уругвај – Португалија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА