Супериорен блесок на Феникс, гостиварци не знаеја што ги снајде во Скопје

Феникс 2010 со триумф ја заврши 2022 година откако во 11. коло славеше на домашен терен против Гостивар со 84-66. Избраниците на Дервишевиќ одиграа супериорно прво полувреме на двата дела од теренот, го лимитираа противникот на 27 постигнати поени со своја реализација од 80 отсто во обидите за два, 50 отство во обидите за три па немаа проблем да ја задржат високата предност и во второто полувреме и покрај падот во играта.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на Феникс 2010 кој благодарение на одличната одбрана проследена со добар проток на топката во нападот стигна до предност од 21-7. Гостивар до крајот на првата четвртина успеа да одговори со обидите за три поени, но не и да го сопре одличниот напаѓачки ритам на домашниот тим кај кој продолжи соработката на високите позиции, стигна и до лесни поени од транзиција за предност од 30-17. Добрата одбрана на „виолетово-жолтите“ кои го примораа противникот на тешки обиди продолжи да биде клучен фактор на мечот, а избраниците на Дервишевиќ ја задржаа и високата реализација на спротивната страна па од минута во минута ја зголемуваа предноста. До највисоката предност од 58-27 стигнаа по тројката со звукот на сирената на Такер за крај на првото полувреме.

Агресивната одбрана на Гостивар успеа да го сопре одличниот напаѓачки ритам на домаќините, но Феникс 2010 продолжи да биде на врв на задачата во одбраната. Скопскиот состав добро ја користеше и транзицијата па успеа да го зголеми и водството со двојно повеќе постигнати поени (70-35) во 26. минута. Гостиварци успеаја да го „скршат мразот“ со серијата на тројки на капитенот Димитриевски, а на истата и се приклучи и Вучковиќ за 11-0 со кои „сино-белите“ намалија на 70-46 пред последните десет минути. Во нив „сино-белите“ продолжија да бркаат негатива, но и покрај падот во играта младиот состав стигна и до поени од втора шанса во нападот, продолжи со одличната одбрана и не дозволи гостите да се надеваат на камбек па до крајот на мечот шанса добија и најмладите играчи во составите.

Со по 20 поени лидери на Феникс беа Трајковски и Такер на кои Македонецот додаде и 11 скока. Дабл-дабл учинок од 14 поени и 12 скока забележа и Хот, а како двоцифрени мечот го завршија Митревски и Фалден. По 13 поени за Гостивар реализираа Димитриевски и Корсантиа, а со 12 поени  и 4 скока мечот го заврши Вучковиќ.

Се вчитува...