Светот се сеќава: Триесет години од трагедијата „Хилсборо“

Денеска се навршуваат 30 години од несреќата на „Хилсборо“,  во која 96 навивачи на Ливерпул, заминале да го бодрат својот клуб, но никогаш не се вратиле дома. На 15. април 1989 година, на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд, требало да се игра натпреварот меѓу Ливерпул и Нотингем Форест, во полуфиналето од ФА купот. На стадионот загинале 96 луѓе, најмладата жртва имала само 10 години, а биле повредени 766 навивачи.

До несреќниот случај дошло по серијата грешки на полицијата, а немилиот настан започнал триесетина минути пред почетокот на натпреварот кога навивачите на Ливерпул се упатиле кон „Лепингс лејн“ трибината на која требало да бидат сместени. Најголемата грешка била таа што, осигурувањето на стадионот решило да ја тргне заштитната ограда, како би можело фановите на Ливерпул побрзо да стигнат до трибината. Тоа се покажало како кобен потег, бидејќи настанало страотно стампедо. Навивачите кои што влегувале на стадионот ги притиснале кон заштитната ограда, оние кои што веќе биле внатре. Стадионот на Шефилд Венсдеј во тоа време имал капацитет од 39 илјади гледачи, но по грешката на полицијата на стадионот биле пуштени 54 илјади љубители на фудбалот.

Сепак, тоа не бил единствениот пропуст. Во општиот хаос на „Хилсборо“, истрагата покажала дека скоро половина од жртвите, можело да бидат спасени, доколку навремено добиле правилна лекарска помош.

Несреќата на „Хилсборо“ го променила ставот на властите во Британија кои по несреќата решиле да нема стоечки места на стадионите. Заштитните огради биле тргнати, а било забрането и препродавањето на билетите. Со овие мерки, Владата на Велика Британија му стави крај на хулиганизмот во Англија.

Семејствата на жртвите водеа децениска битка и преку независна истрага во 2012 година дојдоа до документи кои потврдуваат дека полицијата се обидела да ја скрие вистината. Денеска е триесетгодишнина од трагедијата, а се очекува судењето да биде прекинато токму седмицава кога се одржуваат одбележувањата.

Се вчитува...