ТАЈМАУТ: Најлесно е да се биде „хејтер“!

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Македонија потклекна на најважниот испит на овој европски шампионат, губејќи од Црна Гора и освојувајќи го четвртото место во својата група, најслаб пласман на „црвено-жолтите“ во последните десет години настапи на големите натпреварувања. И што сега? Мерило во спортот се резултатите, но никаде (освен кај нас и можеби во уште неколку земји ширум светот), секој неуспех не се доживува така трагично, за веднаш да се почне ‘со дрва и камења’ по оној што не успеал, и да се заврши на крај и се до  пцовки и навреди до „трето колено“.

Истото го сведочевме и синоќа, кога по поразот од Црногорците не минаа ни десетина минути, а се јавија стотици и стотици „фејсбук селектори“:

„Дрва… Каде ли ги најдовте овие играчи? Кире има уште леб да јаде за да биде тренер…“ – се само дел од коментарите на „стручњаците“ кои секако и вообичаено се разбираат од се и сешто на социјалните мрежи, од фудбал, преку ракомет и кошарка до хокеј и ватерполо, мајстори на својот занает – кај нас познати како „хејтери“. Инспирацијата е секогаш иста – резултатски „кикс“. Од сегашна перспектива, сигурно и жалат што пред две години не живееја во Данска или во Франција, кога на ЕП 2020 овие два гиганти не ја минаа ниту групната фаза. Баш ќе имаа што да им кажат и напишат. На фејсбук, секако.

А реалноста, таа е нешто сосема друго. Со години говориме за смена на генерации, сега таа пред очи ни се случува, и секогаш носи своја цена. Оние најискусните ги губевме еден по еден, од повредата на Манасков, до онаа на Кире Лазаров, сега и коронавирусот на Столе Стоилов. Оние кои останаа се „деца“, со помошта на ветеранот Миркуловски.  Тука се и Талески и Кузмановски, но тие не играат по 60 минути на секој меч за клубовите, за да можат да издржат едно вакво темпо и три меча во рок од пет дена. Грешеа буквално сите, од оние на терен до селекторот Лазаров, со изборот на играчи и упорното давање на доверба на оние кои не му ја возвраат на вистински начин, но тоа е само дел од патот што мора да биде изоден. Да не заборавиме, на ЕП 2022 на кое сите сме толку горди, во таа генерација Кире Лазаров и Мојсовски имаа по 31 години во одличните партии во Ниш и Белград. За секој успех треба работа и созревање.

Најлесно е да се „хејта“, да се биде силен од тастатура или телефон. Тешкото е да се биде Филип Талески, толку често оспоруван, а секогаш тука за репрезентацијата, па по еден ваков неупех да се застане пред новинари и од срце да се каже „Срамно“, затоа што така во моментов се чувствувал. А тагата и разочарувањето се една работа, но овие ракометари, или голем дел од нив немаат од што да се срамат. Бидејќи нивниот ракометен пат во репрезентацијата, како предводници на новата генерација, допрва почнува. Или Филип Кузмановски – видно разочаран да се заблагодари за поддршката од трибините и да каже дека сега ќе му биде тешко да излезе пред „Фалангата“. Тие навивачи кои се во Дебрецин добро знаат колку ракометарите посакуваа да им донесат радост. И не успеаја, за жал, но тоа никако не смее да биде „крај на светот“. Заедно и во победа и во пораз, ви текнува?

Иднината не ни е розова, а недостигот на квалитет во моментов е очигледен. „Новиот Кире Лазаров“ го немаме на повидок, но една работа треба да е јасна – овој долг пат, маратон, а не спринт, треба да се изоди заеднички. Со многу работа и поддршка, не со „хејтање“.

Се вчитува...