Талески ја доби првата битка со Лазаров во ЛШ

Осминафиналните пресметки од Лигата на шампионите почнаа со „мак-дерби“, Филип Талески со Рајн-Некар Левен славеше над Кире Лазаров и Нант со резултат 34-32. Лазаров на овој натпревар доби поинаква улога, голем дел од мечот го играше како среден бек, позиција на која македонскиот капитен не се снајде најдобро.

Голманите немаа свој ден, па мечот во Манхајм го одбележа ефикасна игра во нападот на двете екипи. Нант подобро го отвори натпреварот, поведе со 5-8, но по првиот тајмаут на Јакобсен германскиот вицепрвак заигра многу подобро, предводен од Колбахер и од Шмит стигна до израмнување, а потоа во второто полувреме го сврте и резултатот во своја полза.

Еден од клучните моменти беше влегувањето на Талески во игра во одбрана, како најистурен во зоната 5-1. Македонецот одлично си ја заврши задачата и овозможи предност од пет гола за својот тим, но потоа „лавовите“ направија неколку грешки во низа, по што Нант се врати и ја ублажи негативата до конечни 34-32, како најава за драматичен реванш во Франција.

Домашниот пивот Колбахер беше главна фигура на овој натпревар со 11 гола од вкупно 12 обиди, додека Шмит реализираше осум погодоци. Кире Лазаров ги погоди првите два шута на мечот, но остана на толку голови откако Македонецот потоа не ги реализираше следните пет удари кон противничкиот гол. Нјокас беше најдобар поединец кај Нант со седум погодоци иако играше само во второто полувреме, а исто толку гола реализираше и Гурбиндо.

Се вчитува...