Тамше: Вардар е многу силен, но ние нема да се предадеме

Стратегот на Загреб, Бранко Тамше, му ја препушта на Вардар фаворитската улога во пресрет на саботниот натпревар од Лигата на шампионите против македонскиот првак. Словенечкиот стратег успеа да ја крене играта на Загреб на едно повисоко ниво, но сепак е свесен дека Загреб ќе мора да се надмине ако сака да ги елиминира „вардарци“ од елитното европско натпреварување.

„Имавме многу проблеми, екипата се менуваше во текот на сезоната, но со она што го покажаа моите играчи заслужија да бидат дел од осминафиналето. Пред нас е поранешниот европски првак, Вардар има добри играчи, добро е покриен на секоја позиција, а според информациите што ги имам на противникот му се враќаат и играчите кои беа повредени. Вардар е силен ривал и фаворит, но и ние имаме свои адути и сигурно нема однапред да се предадеме“ – истакна стратегот на Загреб.

Сличен беше ставот и на капитенот на хрватскиот првак, Златко Хорват.

„Мило ми е што слушам дека трибините ќе бидат полни бидејќи со играта што ја прикажуваме ние го заслужуваме тоа. Големо задоволство е да се игра против тим што пред две години беше европски првак, Вардар сигурно сака повторно да стигне до Ф4 во Келн, но ние ќе сториме се за да се обидеме да го елиминираме македонскиот клуб. Нема да биде лесно, но Загреб неколку пати покажал дека знае да игра против фаворити“ – порача Хорват.

Се вчитува...