Таткото на Халанд бара провизија од која боли глава

Ерлинг Халанд е подготвен за преселба во некој од најголемите клубови во Европа, Борусија Дортмунд се подготвува за продажба на норвешкото „чудо од дете“, а раце трие и неговиот татко Алф Инге Халанд, кој заедно со агентот Мино Раиола се среќава со сите заинтересирани клубови.

Целта не е да се запознае со условите за тренинг и работа што се нудат за неговиот син (што се врвни кај сите елитни тимови), туку провизијата што Алф Инге очекува да ја заработи при следниот мегатрансфер на Ерлинг. Халанд сениор и Раиола во текот на изминатата седмица се сретнале со челниците на Реал Мадрид и на Барселона, а главен проблем во разговорите била огромната провизија што ја барале – во висина од неверојатни 40 милиони евра. Станува збор за сума што Раиола и таткото на Ерлинг Халанд би ја поделиле бидејќи би помогнале голгетерот да го избере токму тој клуб за своја следна дестинација, но пари што во период на коронавирус тешко дека некој ќе може да им ги исплати.

Борусија Дортмунд инсистира на 150 милиони евра како отштета, самиот Ерлинг би добил најмалку 10 милиони евра по сезона, па инвестиција од дополнителни 40 милиони евра се чини како невозможна мисија за шпанските гиганти, кои не кријат дека се сериозно погодени од финансиските последици од коронавирусот.

Останува да се види дали Раиола и Алф Инге Халанд ќе имаат повеќе среќа при разговорите со англиските клубови кои се закажани за следната седмица, кога ги очекуваат средби со претставниците на Челси, Манчестер Сити и на Ливерпул.

Се вчитува...