Темелковски: Со позициона игра против „норвешкиот“ систем

Еурофарм Работник в сабота го пречекува Филинген Берген во првиот натпревар од соминафиналето во Челинџ купот. За битолскиот тим ова е голем предизвик во дебитантската сезона на европска сцена. Тренерот на екипата, Илија Темелковски во пресрет на осминафиналниот дуел, потенцираше дека ќе имаат тешка задача против скандинавскиот претставник, но дека екипата е мобилизирана и подготвена за осминафиналната пресметка.

„Драго ми е што Еурофарм Работник избори место во пролетниот дел од Челинџ купот и тоа само по себе е одличен резултат за нас. Берген е типичен скандинавски претставник, многу трчаат, не размислуваат многу за тактика, но се работи за исклучително солидна екипа. Се подготвуваме речиси еден месец за овој дуел со норвешкиот тим, се обидуваме да ги воочиме нивните предности и слабости. Треба што повеќе да играме позициона игра и да не дозволиме да наметнат брза ритам како што ним им одговара“ – истакна Илија Темелковски во пресрет на дуелот со Берген.

Тренерот на Еурофарм Работник му се заблагодари на градскиот ривал Пелистер кој им излезе во пресрет со два контролни натпревари во подготовките пред осминафиналето во Челинџ купот.

За дуелот со Берген, Темелковски ќе ги има на располагање сите ракометари со исклучок на голманот Градимир Чаневски кој поради повреда е на подолга пауза. А, како засилување во своите редови ќе го имаат и искусниот десен бек Михајло Петровски.

„Добро ми е познат кавлитетот на Еурофарм Работник и знаев дека ќе дојдам во професионална екипа. Не очекува типичен скандинавски противник кој сака многу голови. Нивна најсилна страна се средниот и левиот бек кој е и најдобар стрелец во екипата. Берген во составот има само скандинавски ракометари и јас верувам дека може успешно да им се спротивставиме. Подготвени ќе го дочекаме саботниот дуел и ќе се погрижиме оваа европска приказна да продолжи“ – истакна Петровски.

Првиот натпревар од осминафиналето во Челинџ купот,  Еурофарм Работник и Берген ќе го одиграа в сабота во салата „Младост“ во Битола со почеток во 19 часот. Реваншот е на 17 февруари во Норвешка.

Се вчитува...