Ракометната репрезентација на Данска тотално доминираше против Португалија во полуфиналето на Светското првенство 2025, па утре од 18 часот, ги очекува финалната пресметка со Хрватска за златото на шампионатот.
Данска, во четвртото едноподруго финале на Светското првенство ја води селекторот Николај Јакобсен, поранешен дански ракометар, кој играше на позицијата лево крило. Селектор е на Данска од 2017 година и има бројни успеси зад себе – трикратен светски шампион (2019, 2021, 2023 година), а има сребро од минатата година и бронза од 2022 година на Европското првенство.
Но, зад лицето на тренерски гениј се крие и темна страна на неговата личност. Јакобсен е познат по своите неконтролирани изливи на гнев.
„Мочате и серете на теренот се што се договоривме. Не играте ништо на што се договоривме“ – често „урлика“ Јакобсен во моментите на „мрачни напади“ за време на водењето на натпреварите.
Иако, со текот на времето, како што и самиот кажува се обидува да се промени. Таков пример имаше и на ова светско првенство.
„Натпреварот против Чешка во групата не започна добро за Данците, па селекторот повика тајм-аут. Сите очекуваа силен негов бес кон играчите, но се случи нешто сосема спротивно. Тој остана тие десет секунди и смирено им објасни на играчите како да продолжат да играат. Бесен е, но работи на својот темперамент“ – пренесува данската ТВ2.
„Понекогаш изгледам полошо отколку што навистина сум. Темпераментот е дел од мене на кој работам некое време. Порано бев многу директен. Сè уште можам да бидам таков, но се трудам максимално сега да го контролирам тоа. Се тренирам себеси, со помош на психологот Ања, која седи на клупата на секој натпревар“ – вели Јакобсен мислејќи на тимскиот психолог Ања Давид Грев.
„Работам на тоа да не бидам толку директен со секој од играчите. Но, понекогаш само треба да ги испуштите вашите фрустрации за повторно да најдете мир. Понекогаш звучи полошо отколку што е затоа што вревата во салата е толку гласна. Имаш 15 илјади луѓе, музика и диџеј. Мора малку да го повишите гласот за да ве слушнат играчите. Ме прашуваат зошто сум секогаш лут, но всушност сум добро расположен 98 проценти од времето. Овие 2 проценти се издвојуваат и често се преувеличуваат“ – објасни данскиот селектор.
Факт е дека новите генерации играчи не го прифаќаат така лесно построгиот тип на тимско раководење и не им помага кога некој ќе им се дере. Но, Јакобсен вели дека викањето понекогаш му помогнало да ги разбуди играчите како фантастичниот Микел Хансен, кога не биле доволно фокусирани.
„Сакам само тимот да биде најдобар што може. Искрено ги сакам сите мои играчи, и само се обидувам да им помогнам да бидат најдобри“ – заклучува данскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА