Тен Хаг: Јас сум виновникот, Манчестер Јунајтед се наоѓа во тешка ситуација, но знам дека ќе биде подобро

Манчестер Јунајтед продолжува да тоне откако „црвените ѓаволи“ загубија со 0-3 на домашен терен од Њукасл, за елиминација од лига-купот на Англија каде овој тим беше бранител на трофејот.

Ова беше осми пораз на првите 15 средби (во сите натпреварувања) во сезоната, што е најслаб старт на Јунајтед уште од 1962 година. Очекувано, расте притисокот врз Ерик тен Хаг, холандскиот стратег ја презеде одговорноста по последниот неуспех, но и порача дека се уште верува дека може да го извлече тимот од големата криза.

„Ги разбирам навивачите и свирежите од трибините, нормално е да се незадоволни, и јас сум незадоволен. Одговорноста е моја, јас го избирам тимот, јас сум тренерот, така што е нормално јас да бидам виновен во вакви ситуации. На сите ни е јасно дека начинот на кој играме е далеку под нивото на клуб како Манчестер Јунајтед… постоеше желба, но за жал тоа не беше доволна. Јасно е дека Јунајтед е во криза, но јас верувам дека можеме да излеземе од оваа незгодна ситуација. Дека јас можам да го извлечам клубот и да го вратам на победнички патеки“, изјави Тен Хаг.

„Црвените ѓаволи“ викендов му гостуваат на Фулам, а англиските медиуми најавуваат дека овој меч може да се покаже кобен за екс-тренерот на Ајакс, кој во случај на неуспех ќе добие отказ од функцијата на „Олд Трафорд“.

Се вчитува...