Тен Хаг презадоволен: Вака треба да играме на секој натпревар, но не сме роботи

Ерик тен Хаг имаше причина за задоволство откако Манчестер Јунајтед славеше на дуелот со Челси со 2-1. Триумфот беше минимален од резултатски апсект, но „црвените ѓаволи“ имаа апсолутна доминација на теренот, создадоа бројни шанси и ги заслужија трите бода.

Холандскиот стручњак се реши да го остави на клупата Маркус Рашфорд, а Јунајтед одигра одлично без својот најдобар стрелец од ланската сезона. Тен Хаг очекувано беше задоволен, ставајќи до знаење дека очекува да гледа таква посветеност од своите избраници.

„Секогаш треба да си на највисоко ниво, секогаш мора да влегуваш во мечот со правилен став, подготвен за броба и за победа. Денеска бевме токму такви, мислам дека нашите навивачи уживаа во она што го видоа. Вака треба да играме на секој натпревар, нема сомнеж околу тоа, но од друга страна ние не сме роботи. Желбата никогаш не била доведена во прашање, но денешниот меч е јасен знак дека се движиме во вистински правец, дека напредуваме како екипа. Јас сум презадоволен“, изјави Тен Хаг.

Манчестер Јунајтед сега се наоѓа на шестото место на табелата, со девет бода заостанување зад лидерот Арсенал и само три бода негатива во однос на шампионот Манчестер Сити.

Се вчитува...