Тензично езерско дерби: Во меч кој се играше 101 минута, Лабуништа со два гола во 91. и во 95. минута го победи Охрид

Неверојатно драматичен натпревар одиграа Лабуништа и Охрид во последниот меч од 15. коло во Втората лига – Запад. На крајот, на дуелот во Струга, триумфираше Лабуништа со 3-2 благодарение на два гола во судиското продолжение.

Охриѓани имаа предност од 1-2 се до 91. минута кога Петар Љамчевски најпрво израмни за 2-2, а потоа во 95. минута Михајло Јакимовски стрелаше за конечна победа од 3-2.

Претходно, Сунај Хасан уште во 8. минута стрелаше за водство на Лабуништа, но охриѓани дојдоа до пресврт од 1-2 со головите на Љупчо Трпески во 11. минута и Александар Василев во 69. минута.

На крајот, во судиското продолжение, максимална нервоза на теренот која донесе тензична атмосфера. Гостите протестираа, натпреварот се одолговлечи до вкупно 101 минута игра, за на крајот победа на Лабуништа.

Се вчитува...