Тетекс годишнината ја одбележа и со повлекување на дресот на легендата Бошко Блажевски (ФОТО)

Фудбалскиот клуб Тетекс со ревијален натпревар против младинскиот тим на Брегалница денеска одбележа 68 години од своето формирање.

Годишнината од формирањето на клубот беше искористена и повлекување на дресот со број 4 во чест на Бошко Блажевски, легендата на клубот кој во минатото го носеше токму овој дрес. Натпреварот беше симболично запрен во 4. минута во чест на Блажевски, па дресот со овој број од страна на фудбалерот Мирослав Јованоски и шефот на стручниот штаб Славчо Георгиевски го предадоа на семејството Блажевски. Дресот со број 4 во иднина ќе биде во клупските простории и нема веќе да биде употребен на официјален натпревар на ФК Тетекс.

,,Голема чест за нашето семејство Блажевски. Нека биде поттик за сите спортски работници, за младите и децата, дека се што ќе постигнат во спортот некој ќе го памети тоа. Во седумдесетите години имаше и проштален натпревар во негова чест кога се повлекуваше од активното играње фудбал, после тоа директно и индиректно вклучен во фудбалскиот клуб Тетекс како тренер, спортски работник во управа, редовно беше дел од клубот. Целиот свој живот го посвети на градот Тетово и ФК Тетекс“ – истакна Зоран Блажевски, синот на Бошко.

На денешната свеченост раководството на Тетекс додели и благодарници на поединци, групи, спортски работници и медиуми за поддршката што ја даваат на клубот.

ФОТО: Напред Тетекс

Се вчитува...