Тевез: Меси е душата на Аргентина, не смее да се откаже од репрезентацијата

Карлос Тевез јавно го повика Лионел Меси да продолжи да настапува за Аргентина и во иднина, потенцирајќи дека помошта на најдобиот светски фубалер им е неопходна на „гаучосите“. Меси беше критикуван за својот слаб настап на СП 2018 и се очекува во текот на наредниот месец да објави дека ја завршува репрезентативната кариера, но Тевез смета дека тоа ќе биде погрешно и за самиот фубалер, како и за аргентинскиот национален тим.

„Трошиме премногу време за да зборуваме најразлични работи за да го направиме Лео несреќен, кога вистината е дека не му помагаме доволно за да се направи победнички проект. Тој самиот не може да стане светски шампион, но од друга страна Меси е душата на Аргентина, тој е нашата надеж дека можеме до самиот врв и затоа мораме да се погрижиме се додека игра фудбал, тој да остане да биде дел од репрезентацијата“ – истакна Тевез.

Искусниот голгетер смета дека по заминувањето на Сампаоли за Аргентина има само еден правилен избор за селектор – Хозе Пекерман, кој на овој Мундијал седеше на клупата на Колумбија.

„Мислам дека под водство на Пекерман игравме најубав фудбал на СП 2006. Тогаш неемавме среќа, во четвртфиналето на пенали загубивме од Германија, ако ја миневме таа пречка сигурно ќе станевме светски шампиони. Можам да кажам дека како играч многу научив од Пекерман, имам највисоко мислење за него и верувам дека може да го извлече најдоброто од аргентинската репрезентација ако се врати на кормилото“ – вели Карлос Тевез.

Се вчитува...