Вицешампионот ТФТ триумфално ја почна новата сезона откако тимот на Боро Смилковски по голема борба стигна до гостинска победа против Кожув од 79-87. Тимот од Гевгелија пред една седмица несреќно загуби во суперкупот од МЗТ Скопје, а денеска избраниците на тренерот Апостолов загубија уште еден меч што го играа во неизвесна завршница.
Првото полувреме мина во израмнета кошарка, а ТФТ е првиот тим што посериозно се одлепи, и тоа по фуриозната трета четвртина што гостите ја добија со 12-24. Кожув не се предаде, не само што се приближи резултатски, туку домаќинот на две минути до крајот поведе со 79-78 со тројката на капитенот Колев. ТФТ одговори на предизвикот и возврати на вистински начин, Василевски погоди тројка, потоа Ташовски имаше „два плус еден“, па гостите од Скопје со серија од десет поени го завршија натпреварот и стигнаа до заслужена победа.
Гордон со 22 поени беше прв стрелец на ТФТ, но четири македонски играчи имаа двоцифрен ефект, Зафиров реализираше 15, Ташовски и Николов по 12, додека Василевски го заврши мечот со 11 поени.
Најефикасни во таборот на Кожув во денешниот пораз беа Пурвис со 21 и Николоас со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

