ТФТ продолжува со победите, славејќи голем триумф и против Пелистер!

Кошаркарите на ТФТ продолжуваат со низата победи во Првата македонска кошаркарска лига, славејќи во 10. коло на домашен терен против Пелистер со 95-90.

Домашните кошаркари во сигурен ритам го почнаа мечот, одржувајќи минимална предност против „пелистерци“ но во континуитет зголемувајќи ја до полувремето за да на паузата ТФТ замине со предност од шест поени (49-43).

Во второто полувреме се продолжи на ист начин, пред последната четвртина ТФТ стигна и до предност од 10 поени (72-62), но Пелистер во последниот период од играта заигра далеку поагресивно во одбраната а прецизно во нападот, па на четири минути до крајот дојде и до негатива од само пет поени (79-74). Во последните две минути ТФТ влезе со предност од само три поени (87-84), но гостите толку можеа. Домашните го издржаа „нападот“ и на крај дојдоа до победата од 95-90.

Најефикасен во победничкиот тим беше Костоски со 23 поени, дополнети и со пет асистенции, Андерсон заврши со 19 поени, а Мекбраер со 17 поени. Кај Пелистер не помогна ниту одличната игра на Карпентер, кој заврши со 30 поени, и Мустафица со 28 постигнати поени.

Ова е шеста победа за ТФТ сезонава во десетиот натпревар, наспроти и четири порази, а Пелистер остана со претходните осум победи, сега и со втор пораз, на второто место на табелата.

Се вчитува...