ТФТ со победа го отвори меморијалниот турнир „Анте Дуковски“

Домаќинот ТФТ со победа од 88-73 над Феникс 2010 го отвори меморијалниот турнир кој се игра во чест на легендарниот Анте Дуковски. „Црно-белите“ успеаја да го наметнат своето темпо во вториот дел од натпреварот во кој благодарение на шутот за три поени направија значајна предноста која не ја испуштија и покрај обидите на враќање на гостите.

По изедначениот почеток на натпреварот во кој ниеден тим не успеа да го наметне своето темпо, добрата одбрана на ТФТ му донесе на домаќинот лесни поени на спротивната страна па со серија од 7-0 ‘црно-белите’ поведоа со 15-8. Добриот ритам на ТФТ продолжи и до крајот на првата четвртина до која предноста достигна +13 (25-12). Феникс успеа навремено да ги консолидира своите редови своите, а со агресивната одбрана и да го наруши ритамот на противникот. Во серија за три поени влезе и Кларк па гостите експресно ја стопија високата предност на ТФТ и го изедначија резултатот (29-29). Неизвесност натпревар продолжи до крајот на првото полувреме до кое благодарение на подобриот финиш ТФТ поведе со 38-32.

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме. Двата тима умешно ги користеа грешките на противникот, а благодарение на подобриот шут за зад линијата 6,75, каде избраниците на Смилковски реализираа пет обиди, ТФТ по 30. минути игра имаше предност од 65-53. Феникс преку агресивната одбрана повторно запрети на почетокот на последната четвртина. Избраниците на Дервишевиќ го наметнаа своето темпо и успеаја да ја сведат негативата на осум поени (68-60), но се разбуди и ТФТ кој најде лесни решенија во рекетот на противникот и продолжи да го контролира натпреварот за мирен финиш.

Пет играчи во домашниот тим забележаа двоцифрен број на поени, а предводник на „црно-белите“ со дабл-дабл од 16 поени и 10 скока беше Хортон. По 13 поени забележаа Леонард и Николов, 12 поени постигна Ташковски, додека со 11 поени натпреварот го заврши Маслинко. Кларк и Морган беа предводници на Феникс 2010 со по 22 поени на кои плејмејкерот додаде и 8 асистенции, додека крилото забележа 5 скока. Со 12 поени и 6 скока натпреварот го заврши Андреј Митревски. Одлично деби на прволигашката сцена имаше и Амар Хот кој забележа 13 скока и 4 поени.

 

Се вчитува...