Тијаго потпиша: Дојдов во Ливерпул за да освојувам трофеи како со Баерн

Тијаго Алкантара конечно го облече дресот на Ливерпул откако шпанскиот ас денеска и официјално беше претставен како најново засилување на актуелниот првак на Англија. Ливерпул по двомесечни преговори се договори со Баерн трансферот да изнесува почетни 20 милиони фунти, плус дополнителни пет милиони доколку се освојат трофеи во Премиер-лигата или во Лигата на Шампионите, по што Тијаго потпиша четиригодишен договор со „црвените“.

„Долго време чекав, пресреќен сум што дојде и тој ден, што денеска сум со вас. Во кариерата секогаш се настојува истото, да се победува и да се освојуваат трофеи, јас дојдов во Ливерпул за да освојувам трофеи како што тоа го правев во Баерн Минхен“, изјави Тијаго по потписот на договорот.

Овој 29-годишен фудбалер мина седум сезони како член на Баерн, тим со кој е актуелен освојувач на Лигата на Шампионите.

Тој ќе го пропушти неделното дерби против Челси, но се очекува да биде во тимот следниот викенд, кога Ливерпул на „Енфилд“ ќе го пречека Арсенал.

Се вчитува...