Тиквеш го промовираше новиот германски инвеститор: Целта е да се направи млад, амбициозен и конкурентен тим

Екипата на Тиквеш денеска стартува со подготовките за новата сезона, а на прес-конференција беше промовиран новиот инвеститор, Осман Таш кој заедно со градоначалникот Митко Јанчев и Општина Кавадарци ќе го водат Тиквеш.
Таш рече дека има сериозни намери со клубот од Кавадарци, и дека амбициите се Тиквеш да биде во горниот дел на табелата.
„Да ви се заблагодарам на гостопримството и убавите зборови. Се чувствувам среќен затоа што сме дел од Тиквеш. Имавме разговори со уште 2-3 клуба, но го одбравме Тивкеш каде што сметам дека можеме да направиме добар проект и да направиме добри резултати. Сите знаеме дека Тиквеш беше во долниот дел на табелата, се надевам дека оваа сезона ќе бидеме подобри, зошто да не Европа. Но, одиме чекор по чекор. Приоритет е да се изгради млад и амбициозен тим, и да бидеме конкуренти“, изјави Таш.
Претседателот на клубот Миле Масларков изрази големо задоволство што повеќемесечните преговори со новиот инвеститор завршија со договор за соработка и е оптимист дека клубот во новата сезона ќе биде стабилен прволигаш.
„Заеднички направивме проект и мислам дека ќе биде успешен со овие пет години, со помош на господинот Осман, со поддршка на градоначалникот Митко Јанчев, ќе ја оствариме таа цел која е зацртана и на крај ќе се радуваат сите наши навивачи“, рече Масларков.
Новиот Директор на клубот – Емир Шабани најави нови фудбалски имиња и поголем ростер на играчи како и неколку меѓународни засилувања.
„Ќе има промена во ростерот на играчите, работиме напорно на тоа, да се донесат што е можно поквалитетни засилувања. Целта е да се направи стабилна екипа која ќе биде во горниот дел, секако ќе ја нападнеме и Европа ако се пружи шанса. Се мисли на долгорочно, но оваа главна цел следната година ни е да бидеме во безбедна зона“, изјави Шабани.

Се вчитува...