Тирунех од Етиопија победник на Скопскиот маратон, Кираџиев – шести (ФОТО)

Чалачев Асмамав Тирунех од Етиопија е победник на 15-то издание на „Визер скопскиот маратон“ кој денеска се одржа на улиците на главниот град на Македонија. Најдобропласиран Македонец на маратонската трка е Александар Кираџиев кој заврши на шестото место.

Тирунех маратонската трка од 42 километри ја истрча со време од 2:15.37 часа, за нешто повеќе од една минута подобро од второпласираниот Вилфред Корир од Кенија. На третото место заврши уште еден Етиопјанец, Гетаја Гелав кој истрча со време од 2:19.32 часа.

Кираџиев, кој стигна шести на целта, патеката ја истрча со време од 2:37.41 часа, веднаш зад Доунс од Швајцарија и Џиардиело од Италија. Зад Кираџиев, на седмото место заврши уште еден Македонец, Александар Андоновиќ кој заврши со време од 2:40.53 часа. Во Топ 10 е и Марјан Бонев од Велес кој маратонската трка ја заврши на десеттото место со време од 2:43.38 часа.

Александар Кираџиев

Во женска конкуренцијa убедливо триумфираше тројка од Кенија на чело со Енис Мучири која истрча за 2:33.37 часа, пред сонародничките Тануи и Лимамуреи. На четвртото место маратонот го заврши Србинката Теодора Симовиќ со време од 2:45.44 часа. Најдобра македонска атлетичарка на маратонот е Адријана Поп Арсова од АК Делта која истрча нов државен рекорд од 2:52.52 часа, доволно за седмото место. Веднаш зад Поп Арсова на осмото место истрча Билјана Кираџиева од АК Ендуранс со време од 2:58.15 часа.

На годинашниот „Визер скопски маратон“ имаше рекордна бројка од 12.500 учесници, од кои секако поголемиот дел во рекреативната трка на 5 километри.

Се вчитува...