Титулата во заборав, Раниери доби ОТКАЗ од Лестер

Звучи неверојатно, но Клаудио Раниери денеска доби отказ од Лестер, само девет месеци откако италијанскиот стратег ги предводеше „лисиците“ во една од најголемите фудбалски бајки во поновата историја – до шампионската титула во Премиер-лигата. Слабите резултати сезонава веќе подолго време му висеа над главата на Раниери, раководството на клубот тврдеше дека не заборавило што стори Италијанецот за „лисиците“, за денеска на изненадување на сите да биде повлечен потегот што ги шокираше навивачите – Раниери доби отказ.

Одлуката е донесена по поразот од Севилја од 2-1, резултат што го остава Лестер со сосема солидни шанси за пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, но очигледно е дека „моќта на играчите“ пресуди во овој случај. Англиските медиуми веќе извесно време шпекулираа за формирање на кланови во играчкиот кадар кои се против искусниот стручњак, за нивни лидер беше посочуван Џејми Варди, кој го постигна единствениот гол на гостувањето против Севилја, само прв за најдобриот стрелец ланската сезона во оваа 2017 година.

Раниери беше избран за најдобар тренер минатата сезона во Премиер-лигата, а ќе го следи примерот на Жозе Мурињо, кој пред две сезони го одведе Челси до титулата, за потоа да не ја доврши следната сезона добивајќи отказ.

Информацијата што прв ја објави весникот „Дејли мејл“ челниците на Лестер ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат. Засега нема ниту посериозни кандидати за нов менаџер, кој би дебитирал веќе в понеделник на домашен терен против Ливерпул.

Се вчитува...