Тивкиот херој – Аријан Адеми: „Собрав сили за да успееме, но сега нема да можам…“

Македонскиот репрезентативен фудбал, без сомнение, е среќен што во своите редови го има Аријан Адеми, тивкиот херој кој едноставно секој тим посакува да го има. Адеми е дефинитивно прикриенот херој и на овој историски успех од Тбилиси. И покрај повредата, и по свое лично инсистирање, под инјекции собра сили да настапи на дуелот против Грузија. И настапи до 67. минута кога веќе се насетуваше и финалната победа на Македонија.

Но, по мечот повторно проблеми со истата повреда поради што уште денеска ќе мора да биде подложен на нови испитувања. Токму поради тоа Аријан Адеми нема да биде во комбинација за следните два натпревари на Македонија од новата сезона во Ц лигата од Лигата на нации против Естонија во Скопје и против Ерменија во Никозија, Кипар.

„Собрав сили затоа што сакав да бидам тука со момците до овој успех кој е огромен за сите нас. Сега ќе видиме до каде е ситуацијата со повредата, но тешко дека ќе може да играм на следните два натпревари“ – ни изјави Адеми по дуелот со Грузијците.

Македонија против Естонија игра веќе во недела (15. ноември) во Скопје од 15 часот, а натпреварот против Ерменците, кој е последен во групната фаза и одлучувачки околу првото место во групата од Ц лигата, ќе се игра на 18. ноември во Никозија, Кипар, поради воената состојба во Ерменија.

Се вчитува...