Тодоров: Работнички ќе игра бавно, а ние најбрзо што можеме

МЗТ Скопје ќе се обиде да внесе оптимизам во своите редови со триумф на вечното дерби против Работнички (среда, 17.45 часот), како увертира за клучниот натпревар од АБА-лигата против Морнар. Центарската позиција му создава главоболки на тренерот Александар Тодоров, со оглед на фактот дека Лалиќ и Трајковски се жалат на повреди, но се очекува двајцата да стиснат заби и да настапат против вечниот ривал.

Добро познато е колкаво значење имаат дерби натпреварите, иако ова е прв од неколкуте дуели со Работнички што ќе ги имаме сезонава. Јасно е дека несекогаш квалитетот има пресудно значење, во минатот и најсилниот МЗТ губел од најслабиот Работнички и обратно, така што јасно ни е дека најважна ќе биде мотивацијата и желбата за победа. Ние сме подготвени да го дадеме максимумот и ќе сториме се за да стигнеме до победата“ – вели Тодоров во пресрет на овој натпревар.

Работнички нема ниту еден пораз сезонава, но стратегот на „металците“ е оптимист дека ќе успее да го најде лекот за најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. Според него, пресудно ќе биде која екипа ќе се избори да го диктира темпото на мечот.

Не се сомневам дека Марин Докузовски ќе инсистира неговите кошаркари да играат најбавно што можат. Целта на Работнички ќе биде резултатот да се движи околу 60 постигнати поени, за да не ни дозволат да влеземе во нашиот ритам. Од друга страна, јас од моите играчи барам да настапат најбрзо што можат, наша желба е мечот да се доведе на околу 90 постигнати поени. Тоа е битката што ќе се води, а оној кој ќе го диктира темпото ќе биде многу поблизу до остварување на целта – победа на големото дерби“ – истакнува шефот на стурчниот штаб на МЗТ Скопје.

Се вчитува...