Толку се силите: Македонија убедливо поразена од Шпанија на стартот од квалификациите

Кошаркарската репрезентација на Македонија со убедлив пораз ги стартуваше квалификациите за СП 2023, губејќи на домашен терен од Шпанија со резултат 65-94. Шпанците допатуваа во Скопје без своите евролигашки ѕвезди, но и со „втор тим“ беа пресилни за македонската селекција, која без Војдан Стојановски и Ненад Димитријевиќ немаше лидер што ќе го предводи тимот во посериозна битка со фаворитот во групата. Светла точка беше настапот на Тео Симиќ, кој одигра над очекувањата на првиот меч на кој доби посериозна минутажа, најавувајќи дека ќе биде сериозен адут во овој квалификациски циклус.

Бајиќ изненади давајќи му шанса во стартната петорка на младиот Симиќ, кој доби предност пред Вајли, стартувајќи крај четирите кошаркари на МЗТ Скопје, Николов, Робев, Мекиќ и Крстевски. Тројката на Робев значеше и водство од 5-4, но Шпанците набрзина презедоа контрола и поведоа со 7-15, резултат при кој во игра за Македонија влегоа Вајли и Дамјан Стојановски. Американецот за момент внесе енергија во играта на нашиот национален тим, но шпанскиот состав сепак успеа да ја задржи солиднта предност и првата четвртина заврши со 14-21.

Почетокот на вториот период донесе и прво двоцифрено водство за „црвената фурија“, која преку Сима поведе со 14-24. Двете селекции инсистираа на шутеви од далечина, но овој дел од играта не им одеше ниту на нашите ниту на шпанските кошаркари во втората четвртина. Во таква ситуација гостите рутински ја одржуваа позитивата, на одмор заминувајќи со водство од 30-41.

Шпанците фуриозно го почнаа второто полувреме, предводени од Лопез Арестеги експресно направија серија од 7-0 принудувајќи го Бајиќ уште во 22.минута да побара тајмаут, при водство на „црвената фурија“ од 30-48. Во 25. минута Шпанија за првпат дојде и до водство од 20 поени, кога Фернандез лесно положи за 34-54. Само три минути подоцна Шпанија веќе имаше „плус триесет“, поведувајќи со 37-68 и најавувајќи ја преубедливата победа на стартот од овие квалификации. Македонија одигра нешто подобро пред крајот на третата четвртина, со тројката од околу десет метри на Мекиќнамалувајќи на 47-70.

Последниот период го почнавме со тројка на Симиќ и лесно положување на Маслинко за 52-70, но Дани Перез постигна две тројки во серија и го запре налетот на избраниците на Бајиќ. Младиот Симиќ блескаше погодувајќи уште неколку шутеви до крајот на мечот, но шпанските кошаркари рутински го одржуваа водството се до конечните 65-94.

Симиќ беше убедливо најдобар поединец во нашите редови со 18 постигнати поени, двоцифрен беше само уште Вајли со десет, додека Робев го заврши мечот со девет поени. Најдобри кошаркари во шпанскиот табор беа Сима со 17 и Лопез Аростеги со 15 поени.

Македонија во второто коло ќе гостува на Украина, која денеска во првата рунда беше поразена од селекција на Грузија.

Се вчитува...