Томаш Росицки се прости од фудбалот

Екс-фудбалерот на Арсенал, Томаш Росицки, стави крај на фудбалската кариера. Росицки ја обелодени информацијата на прес-конференција, истакнувајќи дека веќе не може повеќе да го изложува своето тело на максимални физички напори поради големиот број на повреди со кои се соочуваше во текот на неговата кариера.

„Знаев дека оваа одлука морав да ја донесам што поскоро. Со секој нареден натпревар ми беше потешко да се подготвувам, моето тело не може да ги издржи напорите кои умот ми вели да ги правам. Имав прекрасна фудбалска кариера, го сакам овој спорт, и ако би бирал дали повторно да го поминам овој пат, без размислување би го повторил. Сите тие тешки повреди од минатото, иако се излечени, ме спречуваат да го дадам максимумот на теренот. Затоа сметам дека е време да кажам – крај“, изјави Росицки.

Во последните две сезони Томаш Росицки го носеше дресот на Спарта Прага, клубот во кој ја започна кариерата. Во редовите на Арсенал пристигна во 2006 година од Борусија Дортмунд за сума од 9 милиони фунти. Одигра вкупно 248 натпревари за „топчиите“ и запиша 29 погодоци и 22 асистенции. 37-годишниот играч од средниот ред 105 пати го облече дресот на репрезентацијата на Чешка, на кои постигна 25 погодоци.

Се вчитува...