Тонев: Неколку кандидати за нов тренер на Брегалница, наредниве денови ќе се знае името

По спогодбениот прекин на соработката со досегашниот шеф на стручниот штаб, Добринко Илиевски, натпреварот на Брегалница против Каменица Саса во сабота (7. ноември) ќе го води помошниот тренер Александар Танчевски, информираат од клубот.

Од Брегалница искажана и благодарност до Илиевски за досегашната успешна соработка, со најава дека до крајот на оваа недела ќе биде именуван и новиот шеф на стручниот штаб.

„Околу назначувањето на нов шеф на стручен штаб одлуката ќе биде донесена до крајот на неделата. Веќе ги почнавме разговорите со неколку тренери и до крајот на неделата ќе биде именуван новиот шеф на стручен штаб на Брегалница“ – вели спортскиот директор на клубот, Никола Тонев за официјалната интернет страница на клубот, и дополнува:

„Иако ова за нас беше изненадувачка одлука за повлекување на Добринко Илиевски, сакаме да се заблагодариме на досегашниот тренер за меѓусебната успешна соработка. Со неговото несебично залагање и посветена ангажираност успеавме клубот да го подигнеме на едно повисоко ниво, оставајќи добра основа за понатамошно наше надградување. Му посакувам добро здравје и професионални успеси во иднина“.

Се вчитува...