ТОП 5 настани кои ја одбележаа 2020: Ѓоковиќ и „топчето“, „хоророт“ на Грожан, Ливерпул и заминувањето на Меси од Барса

Коронавирусот не успеа да ги елиминира спортските настани оваа година. Спортот понуди големи борби и предизвици, а клубовите и играчите покажаа храброст и одлучност во своите цели. Од бизарност до прослава за живот, па се до пандемија и „земјотрес“, фановите беа сведоци на голем број спортски настани, кои оставија свој белег.

ЕКИПА ги издвојува највпечатливите Топ 5 настани за 2020 година.

Ѓоковиќ елиминиран од УС ОПЕН

Од спортските настани се издвојува дисквалификуваниот Новак Ѓоковиќ од УС Опен. Српскиот тенисер беше исфрлен од турнирот откако удри линиски судија со топчето. За време на натпреварот со шпанскиот тенисер Карењо Буста, при резултат 5-6, Ноле со топче „стрелаше“ во една жена која беше линиски судија, а ја погоди во пределот на грлото. Судиите се одлучија за најстрога казна, а тоа е дисквалификација. Ова е прва најстрога санкција за најдобриот светски рекет во професионалната кариера. Ноле тргна да се извини затоа што ударот беше ненамерен, но судиите немаа милост.

По 30 години, Ливерпул ја освои Премиерлигата

Победата на Челси над Манчестер Сити, после 30 години ја донесе долго очекуваната титула на Ливерпул. Оваа година, фудбалската сцена ја одбележаа Јирген Клоп и неговити играчи, кои ја завршија својата долга агонија и ја освоија 19. титула во клупската историја. Тие ја обезбедија титулата најдобар англиски клуб во Премиерлигата дури седум кола пред крајот на првенството и со предност од 23 поени. Ливерпул за првпат ја освои Премиерлигата, по последниот шампионски танц на „црвените“ далечната 1989/90, кога англиската елита беше позната како „Football League“, па ова е првиот трофеј за момците од „Енфилд“ во ерата на Премиерлигата која тргна од сезоната 1992/93. Ливерпул годинава се израмни со Блекбурн и Лестер кои имаат по една премиерлигашка титула, но зад името на славниот клуб ова е 19-та титула во историјата што ги носи момците на Клоп на само еден трофеј од израмнување на рекордот на Манчестер Јунајтед – 20 титули.

Преку „Балон“ до продолжување на кошаркарската сезона

Европската и НБА кошарка поминаа во знакот на пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Натпреварите беа одложени, а единсвениот начин за одигрување на лигите беше создавањето на „балон“ системот. Овој начин на игра значеше строги карантини и постојани тестирања на играчите. Пандемијата со коронавирусот ја одложи НБА сезоната, што значеше дека го немаше ни вообичаениот „драфт“, летната лига, а тренинг камповите траеја премногу кратко. НБА Олстар дуелот кој требаше да се одржи следната година во Индијанаполис и официјално е одложен за 2024 година, а средба на најдобрите играчи во најсилното кошаркарско натпреварување следната година нема да има, туку во 2022.

Вистински пекол се случи во Ф1, „воскресна“ Грожан

Формула 1 предизвика шок и внимание кај јавноста. Особено на денот кога жестоко стартуваше трката за Големата награда во Бахреин, а уште на првиот свиок дојде до запалување на болидот на Французинот Ромен Грожан, откако удри во заштитната ограда, по што следеше страотна експлозија, па трката беше моментално прекината. Веднаш по ова, сите болиди влегоа во боксот, по што нестрпливо чекаа да дознаат за состојбата на Грожан. Од повторената снимка, видливо беше дека со задната гума од болидот, Грожан имаше мал контакт со предната лева гума на Даниел Квјат од тимот на Скудерија АлфаТаури, по што изгуби контрола и удри во заштитната ограда. Овој „хорор“ заврши со среќен крај, а лекарите ги смирија фановите укажувајќи дека Роман е жив и ќе помине со лесни телесни повреди.

„Земјотрес“ на фудбалската сцена, Меси најави заминување од Барса

Лионел Меси летово беше блиску до заминување од Барселона, Аргентинецот го известил раководството на каталонскиот клуб дека сака да го напушти и да ја активира клаузулата со која може еднострано да го раскине договорот. Сепак, претседателот на Барса, Хозе Марија Бартомеу, успеа да го блокира неговото барање со закана за прекршување на договорот и водење на спор пред судските власти. За иднината на Лео Меси се пишува подолго време, новиот тренер, Роналд Куман, веќе има разговарано за неговата иднина, но Аргентинецот навестил заминување, односно порачал дека повеќе се гледа надвор од проектот, отколку како лидер на проектот. Во Каталонија следуваат избори за нов претседател, па големи се шансите со нов човек на чело на клубот, Лео да остане во Барса и да ја продолжи соработката. Договорот на Меси завршува претстојното лето, а каква ќе биде неговата иднина, останува да видиме во периодот кој следува.

Се вчитува...