Топ трансфери во Премиер-лигата: Абрамович пак го одврза кесето

Се е подготвено за почетокот на новата сезона во Премиер-лигата, која ќе стартува со денешното лондонско дерби меѓу Фулам и Арсенал во 13.30 часот. Ливерпул ќе ја има улогата на бранител на трофејот, но „црвените“ ќе имаат исклучително тешка задача бидејќи покрај секогаш моќниот Манчестер Сити, сега во трката за титулата се очекува да има уште неколку екипи кои сериозно се засилија во текот на преодниот рок.

Во прв план тука е Челси, тим што потроши убедливо најмногу пари летово. „Сините“ два преодни рока не смееја да купуваат нови фудбалери, но затоа летово Роман Абрамович го одвра кесето инвестирајќи над 200 милиони евра во засилвања. Челси го има и најскапиот премиерлигашки трансфер летово, оној на Каи Хаверц од Баер Леверкузен вреден 80 милиони евра. „Сините“ платија и 53 милиони евра за Тимо Вернер, како и 50 милиони евра за левиот бек на Лестер, Бен Чилвел. Ако на нив им се додаде и Хаким Зијеш, како и Тијаго Силва, јасно е дека „сините“ со право се надеваат на вмешување во битката за највисок пласман.

Шампионот Ливерпул досега ангажираше само едно засилување, и тоа левиот бек Цимикас од Олимпијакос, додека Клоп чека да види дали директорите на клубот ќе му ја исполнат желбата да го доведат Тијаго Алкантара на „Енфилд“.

Манчестер Сити го продаде Сане во Баерн Минхен, на негово место го доведе Феран Торес од Валенсија, а одбраната беше засилена со Аке од Борнмут, кој одлично се снаоѓа и како лев бек и како централен дефанзивец.

Манчестер Јунајтед заврши одлична работа со ангажманот на Бруно Фернандеш во јануари, а „црвените ѓаволи“ летово дополнително го засилија средниот ред потпишувајќи со Дони ван де Бек од Ајакс. Арсенал во новата сезона влегува посилен за Вилијан, кој пристигна како слободен играч од Челси, а беше доведен и Бразилецот Габриел како големо засилување за одбраната.

Сериозно се засили и Евертон, кој ги доведе Алан од Наполи, Хамес Родригез од Реал Мадрид и Дукуре од Ватфорд, во обид Карло Анчелоти да ги приближи „карамелите“ до горниот дел од табелата во Премиер-лигата.

Вулверхемптон го донесе младиот Португалец Фабио Силва од Порто во трансфер вреден 40 милиони фунти, клупски рекорд на „волците“ кои ја продолжија традицијата клучните засилувања да ги носат од Португалија.

Жозе Мурињо не го направи посакуваниот „ремонт“ во Тотенхем, па „специјалниот“ досега во преодниот рок донесе само две засилувања, Хојбјерг од Саутемптон и десниот бек на Вулверхемптон, Доерти.

Се вчитува...