Тотенхем до Манчестер Сити: Кејн вреди 150 милиони фунти, платете ако го сакате

Летниот преоден рок влегува во последната седмица, а од ден на ден се помали се шансите дека челниците на Манчестер Сити ќе ја исполнат желбата на Пеп Гвардиола и во тимот ќе го доведат Хари Кејн. Каталонскиот стручњак е голем фан на капитенот на Тотенхем, „граѓаните“ веќе два месеци се обидуваат да го ангажираат Кејн, но проблем е ставот на лондонскиот тим – дека одличниот голгетер не е за продажба за помалку од 150 милиони фунти.

Даниел Леви му ветил на Кејн дека ќе даде зелено светло за трансфер, но првиот човек на Тотенхем нема намера да ја намали сумата што ја бара. Оваа порака веќе е испратена и до водечките луѓе на Манчестер Сити, кои веќе платија 100 милиони фунти за Грилиш, а сега би требале да издвојат уште за 50% повисока сума ако сакаат да го доведат Кејн во своите редови. Ставот на Леви е јасен – Кејн вреди 150 милиони фунти, ако Манчестер Сити го сака, треба да ја плати оваа сума.

Првата понуда од 100 милиони фунти беше експресно одбиена, а британските медиуми утрово обелоденија дека „граѓаните“ понудиле 75 милиони при самиот потпис, и уште 25 милиони преку неколку клаузули. Ова било неприфатливо за „спарси“, кои се лути на Кејн поради доцнењето на камбекот на тренинзи по продолжениот одмор, па немаат намера да попуштат во овие преговори.

Сагата ќе трае до самиот крај на преодниот рок, но Леви и во минатото (Бејл и Модриќ во Реал Мадрид) се покажал како компликуван преговарач, па Сити ќе мора да ги задоволи неговите барања ако го сака англискиот репрезентативец како предводник на својот напад за наредната сезона.

Се вчитува...