Тотенхем како Ливерпул – „пишман-аџии“ за државна помош

Раководството на Тотенхем потклекна под притисокот на јавноста, па денеска обелодени дека ја повлекува одлуката за користење на државна помош за исплата на платите на административците во клубот. Неколку дена откако на ист чекор се реши Ливерпул, денеска и актуелниот европски вицепрвак го повлече истиот потег, обелоденувајќи дека во целост ќе ги покрие платите на вработените, без притоа да користи средства од државните фондови за помош за економијата.

Британскиот закон предвидува компаниите да можат да користат државна помош за покривање на 80% од платите за месеците април и мај, а останатите 20% да ги покријат од сопствениот буџет. „Спарси“ меѓу првите објавија дека ќе користат помош од тој буџет, за во меѓувреме да се премислат под огромен притисок на медиумите и на сопствените навивачи.

„По последниот состанок, сакаме да информираме дека ја разгледавме претходната одлука за намалување на трошоците и направивме одредени промени во истата. Целиот наш административен персонал ќе ги добие во целост платите за април и за мај, а притоа нема да биде користен буџетот за државна помош. Само членовите на бордот на директори ќе имаат намалување на платите за овие два месеци“, се вели во најновото соопштение на лондонскиот клуб.

Се вчитува...