Тотенхем одреди луда цена за Кејн, дали Јунајтед ќе ја плати?

Хари Кејн неодамна се закани со заминување доколку не биде составен конкурентен тим, а газдите на Тотенхем се подготвени да го продадат својот најдобар фудбалер доколку добијат примамлива понуда за него. Лондонскиот клуб се соочува со големи финансиски проблеми, се уште должи над 600 милиони фунти од изградбата на стадионот и над 80 милиони фунти како рати од трансферите во последните две години, па продажбата на врвниот голгетер значително би ги намалила главоболките на раководството, кое се соочува со опасност од сериозно намалување на приходите поради коронавирусот.

Проблем е што Даниел Леви одреди луда цена за Кејн, обелоденувајќи дека „спарси“ ќе бараат 200 милиони фунти за англискиот репрезентативец. Ако трансферот се реализира за оваа сума, тогаш Кејн би станал најскап светски фудбалер, но британските спортски новинари не веруваат дека ќе се најде херој што ќе плати толкаво богатство за овој ас, кој во кариерата нема освоено ниту еден единстен трофеј.

Реал Мадрид за тие пари би го довел Мбапе, Јувентус сигурно нема да плати толкава сума, па како единствена опција останува Манчестер Јунајтед. „Ѓаволите“ веќе извесно време флертуваат со Кејн и доколку тој стане достапен за трансфер сигурно ќе се обидат да го доведат на „Олд Трафорд“. Тешко е за верување дека Јунајтед и покрај финансиската моќ ќе се согласи на условите на Тотенхем, но „црвените ѓаволи“ сигурно ќе се обидат во понудата да вметнат неколку фудбалери за да ја намалат сумата што би ја платиле.

Се вчитува...