Трајковски и Мајорка немоќни против Атлетико Мадрид (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски со својата Мајорка загуби на гостувањето кај Атлетико Мадрид со 3-0 во премиерниот дуел од 34. коло во шпанската Ла лига. „Јорганџиите“ рутински успеаја да стигнат до нов триумф со кој скоро осигураа пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Атлетико Мадрид доминараше уште од стартот на првото полувреме. По неколку неискористени шанси, домаќините до водство дојдоа преку Алваро Мората со гол од пенал во 29. минута кој беше направен врз него. Иако прво голгетерот промаши, судијата поради прерано излегување на голманот на гости го повтори ударот од белата точка, а поправниот обид беше прецизен. Кога се очекуваше судијата на мечот да свири крај на првиот дел, попушти концентрацијата на Мајорка, која ја искористи Алваро Мората и во судиското надополнување успеа да го удвои водството на 2-0.

Нашиот интернационалец беше заменет во 57. минута, а на негово место влезе Лаго Жуниор. Во рутинска игра до крај само уште Коке се запиша во листата на стрелците за конечен триумф на Атлетико Мадрид од 3-0.

Мајорка до крајот на шампионатот ќе има тешка задача да обезбеди опстанок, бидејќи во моментов е 18. со 29 бода, односно пет помалку од сигурната зона. Атлетико Мадрид е трет со 62 бода и многу блиску до обезбедување учество во Лигата на шампионите и следната сезона.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...