Трајковски и Митревски енигма за „академиците“ – Феникс 2010 лесно до осма победа

Феникс 2010 стигна до осмата победа во Првата кошаркарска лига откако во 13. коло славеше на гостувањето кај Академија ФМП со 76-96. Избраниците на Дервишевиќ одиграа одличен натпревар во кој рано стигнаа до предност, а истата не ја испуштија до крајот и покрај налетот на домаќинот во третата четвртина кога од -19 стигна до само -3.

Гостите успеаја да го наметнат својот ритам на отварањето на натпреварот. Домашниот тим немаше одговор за расположените Трајковски и Митревски кои го наполнија кошот на Академја ФМП, а притоа одиграа и одлично во одбраната каде го приморија составот на Симиќ на шест изгубени топки па по 10. минути игра резултатот гласеше 22-30. „Академиците“ одговорија на отварањето на втората четвртина во која ги приморија „виолетово-жолтите“ на тешки обиди и само еден постигнат поен за речиси три минути игра па намалија на 27-31, но избраниците на Дервишевиќ навремено ги консолидираа своите редови. Гостите одговорија преку Петков и не дозволија натпревар на еден посед, а продолжија во свој ритам до крајот на полувремето за двоцифрена предност од 39-50.

Феникс 2010 го задржа одличниот напаѓачки ритам и на отварањето на второто полувреме, а со реализацијата за три поени успеа да стигне и до највисоката предност од 41-59. Сепак прераното опуштање на гостите на одличен начин го искористија домашните кошаркари кои преку зонската одбрана од минута во минута ја топеа предноста за само 64-67 пред одлучувачката четвртина. Академија ФМП имаше повеќе шанси да стигне и до изедначување, но откако не успеа во своите обиди следеше казната на спротивната страна. Феникс 2010 одлично ја искористи добрата одбрана која дозволи само четири поени за повеќе од пет минути игра со поени во транзиција со што ја врати двоцифрената предност на своја страна (68-85) за мирен финиш и нова победа.

Лидер на Академија ФМП со 24 поени, 8 скока и 7 асистенции беше Смит, 22 поени и 7 скоак додаде Мариновиќ, а 10 поени реализираше Настовски. Бојан Трајковски и Андреј Митревски комбинираа повеќе од половина поени за Феникс 2010. Крилниот центар мечот го заврши со 32 поени, 9 асистенции и 8 скока, додека младиот бек го следеше со 23 поени, 7 асистенции и 3 скока. Двоцифрен беше и Петков со 11 поени, 4 скока и 3 асистенции.

Се вчитува...