Трајковски стрелаше за роденден против Албанија, сега сака роденденско славје со гол и во Гибралтар

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Македонија е огромен фаворит пред вечерашната пресметка со Гибралтар на гостински терен на стартот од Лигата на нациите. Но, сето тоа ќе треба да се потврди и на теренот на „Викторија стадионот“ во Гибралтар вечерва од 20:45 часот.

Офанзивната определба е секако единствената варијанта и во тактиката на селекторот Игор Ангеловски, а тука последните репрезентативни натпревари некако се издвои Александар Трајковски кој се наоѓа во гол-серија на трите едноподруго последни официјални мечеви во националниот дрес.

Трајковски вчера во Гибралтар го прослави својот 26-ти роденден… Сето тоа, без сомнение, посакува да го заокружи сега и со погодок на стартот од Лигата на нации. Серијата на официјалните средби, интересно, почна минатата година токму на неговиот 25-ти роденден кога на 5. септември 2017 погоди од пенал во ремито (1-1) против Албанија. Потоа беше стрелец во ремито (1-1) и на гостувањето против Италија, а се запиша во листата на стрелците и во триумфот (4-0) против Лихтенштајн.

Погодокот и на последниот одигран репрезентативен натпревар на Македонија беше дело на Александар Трајковски. Оној на тестот против Азербејџан во март оваа година, дуел кој заврши без победник (1-1).

„Секако, како и секој така и јас посакувам погодок на мечевите на кои настапувам, посебно во националниот дрес. Но, најважно за нас е победнички да стартуваме во Лигата на нациите. Фаворити сме против Гибралтар и мора да ја оправдаме таа улога. Тоа е најважно“ – вели Трајковски.

А, Македонија во последните 17 одиграни натпревари низ изминатите три години дури на 14 средби запишала барем по еден погодок. А тимот две години не знае и за пораз на гостински терен. Последниот пораз на гости за македонската сениорска репрезентација беше на 16. ноември 2016 кога во Гранада загубивме од Шпанија со 4-0. Од тогаш на гостински терен имаме три официјални натпревари со победи против Лихтенштајн (0-3) и Израел (0-1) и реми со Италија (1-1).

Се вчитува...