Трајковски: Во фудбалот не се успeва само со талент…

Палермо е сериозен во обидите да се врати назад во „Серија А“,а  сицилијанскиот клуб за адути ги има двајцата Македонци, Александар Трајковски и Илија Несторовски. И доколку Несторовски беше главна ѕвезда на тимот во претходните две сезони, овојпат фокусот е врз Трајковски, кој игра одлично, постигнува голови и асистира.

„Сите бевме во шок по ланската елиминација во баражот против Фросиноне. Бевме бесни што не се враќаме назад во елитата, Несторовски гласно говореше за тоа, јас исто така. Сега тој бес го насочивме правилно, за да не ни се повтори истата ситуација, туку овојпат да успееме да се вратиме во првата лига. Лично, се чувствувам одлично, ова ми е најдобра сезона. Играв бројни квалитетни натпревари, головите во репрезентативниот дрес уште повеќе ми ја зголемија самодовербатa. Ова ми е среќен период во кариерата и се надевам дека ќе продолжи што подолго“ – истакна Трајковски.

Тој извонредно ја стартуваше сезоната како напаѓач под водство на Тедино, но по тренерската смена новиот кормилар Стелоне ја промени и позицијата на македонскиот голгтер.

„Играм буквално насекаде. Ротирам по крилните позиции, некогаш во средниот ред, па дури и во одбраната. Како полушпиц имам слобода во играта, но и морам многу да се движам, да помагам, да не се штедам. Сето тоа е во ред, се чувствувам добро, знам дека во фудбалот не може да се успее само од талент, мора да има и многу напорна работа и пожртвуваност за тимот, јас го правам тоа и горд сум. Се надевам дека на крајот на сезоната ќе се исплати и ќе ни се исполни големата желба, да се вратиме во елитата“ – вели Александар Трајковски.

Се вчитува...