Трансфер-бомба од Шпанија: Дембеле се сели во Јувентус

Усман Дембеле дефинитивно ќе ја напушти Барселона на крајот од сезонава и како слободен играч ќе се пресели во Јувентус. Каталонскиот весник „Спорт“ прв објави дека Французинот ја одбил и последната понуда за нов договор со Барселона, што му овозможува на крилниот офанзивец уште на 1 јануари да потпише преддоговор со новиот клуб каде би заминал без никаква отштета во летниот преоден рок.

Според „Спорт“, тоа дефинитивно ќе биде Јувентус откако италијанскиот гигант веќе ги договорил условите за соработка со неговиот агент Муса Сисоко. Договорот ќе се однесува на наредните четири сезони почнувајќи од 2022/23, а Дембеле во Јуве ќе заработува повисока плата во однос на она што моментно го има во Барселона.

Французинот редовно истакнуваше дека сака да остане на „Камп Ноу“, но сите понуди на Барса беа со намалување на платата во однос на она што моментно го заработува. Ситуацијата уште повеќе се искомпликува кога каталонците му понудија поголема плата на најновото засилување Феран Торес, по што Дембеле дефинитивно стави крај на преговорите за продолжување на соработката со каталонскиот гигант.

Се вчитува...