Тричковски: Не чека нов предизвик, не може сега да кажеме – фала, пријатно, се гледаме во јуни!

Иван Тричковски, со капитенската лента, утре треба да го поведе националниот тим кон нова победа во новата сезона од Ц-лигата во Лигата на нации против Естонија. Свесни се секој во репрезентацијата дека, без разлика на историскиот успех, веднаш продолжуваат новите предизвици. Првиот – да се освои првото место во групата од Лигата на нации.

„По историскиот успех факт е дека потрошени сме и физички и психички и емоционално, но наша должност е кога е во прашање репрезентативниот дрес да го дадеме максимумот и да дојдеме до првото место во групата. Ние сме професионалци, продолжуваме понатаму. Не можеме сега да кажеме дека ете стигнавме до историски успех, па благодариме се гледаме во јуни следната година. Напротив, наш следен предизвик се Естонија и Ерменија и одиме на две победи“ – истакна Тричковски на денешната прес-конференција.

Македонскиот офанзивец го потенцираше и значењето од остварениот пласман на ЕП за секој фудбалер, информирајќи за честитките кои деновиве ги добивал од неговиот клуб АЕК Ларнака.

„Нема кој не ни честиташе од АЕК Ларнака овие денови и мене и на Спировски затоа што за нив претставува огромна гордост и чест што двајца фудбалери ќе го претставуваат и клубот на Европско првенство. Навистина беа пресреќни, и така е со клубовите на секој репрезентативец“ – истакна Тричковски.

Се вчитува...