Тричковски: Ова е бајка… Со Пандев, како идол на многумина, сонот стана јаве!

Еден од најискусните во репрезентативните редови, Иван Тричковски, заедно со Горан Пандев долги години го носат товарот на патот до едно големо натпреварување. И заедно успеаја да го изодат, минувајќи низ повеќе од тешки периоди за националниот тим. Но, кога на крајот ќе светне сонцето и Тричковски не можеше да ја сокрие радоста што следната година ќе биде дел од најголемиот европски собир.

„Ова е бајка! Повеќе од 20 години не бевме ни блиску до ЕП, а сега ќе играме на ЕП. Во минатото немавме нити 1% надеж дека ќе стигнеме, никој не ни очекуваше такво нешто, а сега таа бајка завршува со среќен крај. Пред пет години бевме 160. место на ФИФА-листата а погледнете сега каде сме. Ова не се опишува со зборови, ова е историја и треба да уживаме во тој успех“ – вели Тричковски во изјава за грчката „Газета“ откако малку стивна еуфоријата.

Македонскиот офанзивец дополнува дека воведувањето на Лигата на нации го олесни патот за „малите земји“, но и тоа треба да се освои…

„Со воведувањето на таа Лига на наци се олесни, но и тимот стана поискусен, имаме хемија во соблекувалната… Најголемиот дел од играчите се истите, неколкумина отидоа во силни лиги, па тимот освен на искуство, стана и побалансиран. Мислам дека имаме светла иднина, мислам дека повеќе никој така лесно нема да може да не победи и мислам дека веќе потврдивме дека вредиме и треба само на тој начин да продолжиме“ – дополнува Тричковски, кој не го заборава ниту капитенот Горан Пандев, иконата на македонскиот фудбал.

„Горан Пандев е уникатен на сите полиња, ќе треба еден час да зборувам за да кажам се за Горан. Чест и задоволство ми е што толку години сме соиграчи во репрезентацијата поминавме низ многу тешки периоди во националниот тим, но сега славиме. Пандев не е само име за нашиот фудбал, туку и за европскиот. Класа сама за себе, идол на многумина, и како човек и како фудбалер. Освои се во кариерата, ама верувам дека ова му е најслаткиот и најдраг успех“ – истакнува популарниот Тричко.

Се вчитува...