Трилер-меч во Карпош: Фени им го нанесе првиот пораз на „соколите“

Карпош соколи го претрпе првиот пораз во домашното првенство сезонава, неочекувано губејќи на домашен терен од Фени индустри со резултат 103-109. Дуелот беше максимално неизвесен, „соколите“ се вратија од загубена ситуација во два наврати, на крајот од регуларниот дел и во финишот од првото продолжение, за Фени дури по второто продолжение целосно да го скрши отпорот на актуелниот вицешампион.

sokoli feni1

„Соколите“ имаат за што да жалат бидејќи пред крајот на втората четвртина имаа одлична предност од 12 поени (39-27, па 41-29), за со огромен пад во играта да им овозможат на гостите да направат голем пресврт, но тоа не беше крајот на возбудувањата во малата сала од СЦ „Јане Сандански“.

Кавадарчани имаа и двоцифрена предност на нешто повеќе од три минути пред крајот на мечот (66-79), но Мекфејден со три тројки ја намали разликата на само три поени (80-83). Мирковиќ направи лична грешка во напад, а веднаш потоа Мекфејден погоди уште една тројка, израмнувајќи на 83-83 на 40 секунди до крајот. Фени имаше два напади за победа, но Мирковиќ и Дејвис не ги погодија своите шутеви, па мораше да се играат продолженија за да се одреди победникот на оваа интересна средба.

sokoli feni3 jane petrovski

И по дополнителните пет минути игра немаше победник (14-14) откако Браун погоди тројка за Карпош соколи на една секунда до крајот, за во второто продолжение Фени за само две минути повторно да се одлепи и да поведе со 98-107. Мекфејден повторно реализираше за да ја врати надежта меѓу „соколите“, но гостите овојпат не дозволија камбек на домашниот тим, триумфирајќи со конечни 103-109.

Мекфејден постигна 40 поени за домашниот тим, но и тоа не беше доволно за да се слави на овој натпревар, додека најефикасни кај Фени индустри во големата победа беа Дејвис со 30 поени и 16 скокови, Горјан Марковски со 23 поени и Јане Петровски, кој реализираше 16 поени, 10 скока и осум асистенции.

Се вчитува...