„Трите лава“ го разбиваат колумбискиот картел

Репрезентациите на Англија и на Колумбија ќе се борат за последното четвртфинално место на Светското фудбалско првенство во Русија. Пресметката за крај на осминафиналната фаза е само третиот досегашен меѓусебен дуел на овие две селекции. Двата претходни им припаднаа на Англичаните. „Трите лава“ слaвеа на Мундијалот во Франција во 1998 и на пријателскиот дуел во 2005 година, со 3-2.

Селекцијата на Колумбија имаше лош влез во Мундијалот со неочекуваниот пораз од Јапонија (1-2), но квалитетите ги манифестираше на следните две средби и со два последовни триумфа, не само што ја мина групата, туку успеа во нокаут фаза да влезе како првопласирана. Во двете победи во групниот сегмент, Колумбијците покажаа солиден фудбал, особено во средбата против Полска во која доминираа во сите 90 минути и заслужено славеа со убедливи 3-0. Против Сенегал беше поинаку. Колумбија имаше проблеми со брзите африкански играчи во првото полувреме. Во вториот дел изгледаше подобро и со погодокот на Мина дојде до големата победа.

Во пресметката со Англија, Колумбијците одат со повреден Хамес Родригез. Тој по само половина час го напушти дуелот со Сенегал и се уште е неизвесно каква ќе биде неговата улога во вечерашниот меч.

„Хамес ги влече проблемите со ногата во текот на цело првенство, но тој е силно момче и ќе стисне заби. Англија е силен состав и го има можеби најдобриот напаѓач во светот и ќе мораме да бидеме одлични во одбрана за да го добиеме во овој натпревар. Добро се подготвивме, момците се подготвени за дуелот и верувам дека не очекува спектакл“ – вели во пресрет на осминафиналето, селекторот на Колумбија Хозе Пекерман.

Колумбија би требало да биде во најсилен состав против Англија кој изгледаше силно во двата воведни натпревара од групата Х. Потоа иако тврдеа спротивно, Англичаните со втор тим избраа да загубат од Белгија и да го завршат прелиминарниот сегмент како второпалсирани и да одат по условно „полесниот пат“ до полуфиналето. Ако победеа, Англичаните во осминафиналето ќе ја добиеја Јапонија, но потоа ќе одеа на Бразил во четвртфиналето.

Дуелот со Колумбија вечерва ќе покаже дали изборот што го направија селекторот Саутгејт и неговите избраници беше паметен. Во англискиот состав, реално се се врти околу Хари Кејн кој брилјира на ова Светско првенство. Постигна пет гола на две одиграни средби, одмораше против Белгија и комплетно свеж влегува во дуелот со Колумбија.

„Верувам дека оваа селекција е подготвена за големи работи. Покажавме добри изданија на сите три одиграни средби и ако продолжиме така навистина имаме можност да направиме одличен резултат. Колумбија е силна репрезентација со неколкумина врвни играчи. На претходното Светско првенство беа во четвртфиналето и тоа доволно зборува за нивниот квалитет“ – вели Кејн.

И Англија, како и Колумбија, ќе биде во најслниот состав за пресметката која на Островот ја гледаат како историска можност за новата генрација.

Се вчитува...