Трофејот на меморијаниот турнир „Анте Дуковски“ во рацете на ТФТ

ТФТ е освојувачот на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“ откако во финалето, домаќинот на турнирот славеше над Феникс 2010 со 106-83. Поголемиот дел од натпреварот го отслика изедначен ритам со добри потези на двете страни на теренот, а клучната предноста на „црно-белите“ беше направена на крајот на третата четвртина кога тимот стигна до двоцифрена предноста која ја задржа до крајот на 40. минута.

Феникс успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот. Добриот проток на топката носеше лесни поени за „виолетово-жолтите“, а притоа успеаја и да го исконтролираат скокот за двоцифрено водство (4-15). Тајмаутот на Смилковски вроди плод, агресивната одбрана на ТФТ донесе и лесни поени во нападот, но и покрај тоа што во еден момент „црно-белите“ стигнаа и до водство по 10. минути игра на семафорот стоеше предност од 24-25 за Феникс. Добриот моментум двата тима го префрлија и до крајот на првото полувреме. ТФТ во своите редови го имаше расположениот Хортон, додека на спротивната страна Џоунс продолжи да биде фактор на мечот па по 20. минути игра резултатот гласеше 47-46.

За разлика од почетокот на натпреварот, ТФТ на отварањето на вторите дваесет минути успеа да го наметне своето темпо па поведе со 61-52. Феникс преку Михајловски успеа да ја преполови негативата, но грешките во нападот на новиот прволигаш знаеја да го искористат „црно-белите“ за навремено враќање во ритам и предност од 83-68 на крајот на третата четвртина. Моментумот на ТФТ продолжи и до самиот крај, домаќинтие на тунирот влегоа и во ритам зад линијата 6,75 па до крајот ја зголемија предноста.

Хортон беше првото име во редовите на ТФТ со 26 поени, Бродвеј натпреварот го заврши со 19 постигнати поени, а по 14 поени постигнаа Маслинко и Ташовски. Куртис Џоунс беше незапирлив во редовите на Феникс 2010 со 35 поени, 17 поени и 2 украдени топки додаде Митревски, него го следеше Морган со 14 поени и 8 скока, додека со дабл-дабл учиник од 11 поени и 10 скока натпреварот го заврши Михајловски.

Се вчитува...