Кристијано Роналдо повторно беше единствениот расположен во таборот на Манчестер Јунајтед, откако Португалецот со постигнатиот гол спречи пораз на дербито со Челси (1-1).
И додека Ралф Рангник упорно тврди дека не знае дали Кристијано би можел да му биде од помош на новиот тренер Тен Хаг, поранешниот капитен Рој Кин е дециден на оваа тема – португалската суперѕвезда мора да остане на „Олд Трафорд“ и наредната сезона.
„Погледнете го само натпреварот, Челси имаше дваесет одлични шанси, Јунајтед само една и Кристијано веднаш ја претвори во гол. Ви велам, да играше тој за Челси, без проблем ќе постигнеше 50 гола во сезона. Квалитетите му се недвојбени, се уште извонредни се движи, знае да почувствува каде ќе заврши топката. Проблемот на Јунајтед е во тоа што нема кој да му даде употребливи топки, тоа е она во што целиот тим потфрли сезонава“, изјави Кин.
Според ирската фудбалска легенда, смешно е да се тврди дека Роналдо треба да си замине затоа што не играл добро пресинг кога противникот ја има топката.
„Будала е тој што вели дека тој не може да му помогне на Јунајтед затоа што не знаел да игра пресинг. Точно е, Роналдо не трча во дефанзива за да ги притиска противничките дефанзивци, но помага на толку многу различни начини. Па ние освоивме толку трофеи со Ерик Кантона, кој не трчаше во одбрана, но беше фантастичен во нападот. Ништо поразлична не е ситуацијата со Кристијано“, тврди Рој Кин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА